За разлика од минатиот пат во Бачка Топола каде учество зедоа 2 наши автомобили, овој пат нашиот клуб учествуваше со 3 возила на собирот на олдтајмери во соседна Србија, Врање, познат како “С мерак у чаршију”, организиран од нашите пријатели од Oldtimer Klub Vranje.

“Нашите” Спачеци со клупските обележја
Овој собир го красеа 2 Спачека и една Дијана од нашиот клуб и 4 наши членови, стандардните веќе претседателот Унко и Фиќо како и Милан и Кире. Возевме во колона преку алтернативниот граничен премин Прохор Пчињски, пат кој за нашите автомобили е вистински тест, пред се за возачите на истите кои и овој пат се покажаа како вистински виртуози низ планинските предели исполнети со нагорнини и оштри кривини.
Името на настанот “С мерак у чаршију” го оправда својот епитет, веднаш штом стигнавме предизвикавме воодушевување со нашите автомобили, особено внимание привлекуваа Спачеците на претседателот Унко и Фиќо поради својата автентичност. Веднаш по влегувањето во Врањанската чаршија, бевме поздравени од многубројните посетители на настанот, но секако најголемо задоволство ни претставуваа насмевките и отпоздравувањата на најмладите, како и нивната желба покрај сите присатни скапоцени автомобили, да се провозат со “нашиот” Спачек, Спачекот на Фиќо, која секако беше исполнета на нивно но и наше големо задоволство.

Фиќо со млад фан на 2cv
На собирот можеби имаше и преку 50 автомобили, секако најбројни беа од страна на домаќините од Србија но не заостанувавме многу зад нив и ние од Македонија како и колегите од соседна Бугарија. Домаќините не дозволија да тераме само мерак у чаршију, истиот продолжи и во доцните ноќни часови во ресторанот на еден од организаторите на истоимениот настан.

Фиќо, Милан и Унко со клупските автомобилски претставници
Следниот ден, следејќи ја однапред предвидената агенда, продолживме кон Врањска Бања. Уште еднаш, по и ние не знаеме кој пат, нашите Ситроени привлекуваа најмногу внимание, што по пат додека возевме кон нашата следна но и последна дестинација, па така и на самата локација која беше полна со туристи но и корисници на благодетите на лековитите бањи. Доколку некогаш сте се запрашале која бања има најтопли извори во Европа, потрагата по одговорот завршува тука. Лековитите извори во Врањска Бања, достигнуваат температура дури и до неверојатни 96°C.
Но како и секогаш, се што е убаво кратко трае. После ручекот организиран од страна на нашите домаќини, на дружбата и дојде крај. “С мерак у чаршију” ќе ни остане секако во нашето сеќавање како одлично организиран собир но и како собир на кој досега надвор од рамките на нашата држава имавме најмногу претставници како клуб.
Се надеваме и на “С мерак у чаршију” vol.2 и следната година како и во годините кои следат.



