Светскиот собир на 2CV и пријателите претставува еден од најстарите и најмасовните собири на ентузијасти за култниот Citroën 2CV и сè што овој автомобил претставува – слобода, авантура и пријателство. Иако официјалната историја на овој собир започнува во 1975 година, првичната, неофицијална средба се случила две години претходно, во 1973 година во Пореч, Хрватска, но од одредени причини таа не е призната во официјалната хронологија. Оттогаш, светскиот собир на 2CV и пријателите се одржува секои две години, без прекин, претворајќи се во глобално движење кое ја слави едноставноста, креативноста и заедништвото.
Претставување на нашата култура и кандидатура во Постојна, Словенија
Оваа година, светскиот собир на 2CV и пријателите се одржа во прекрасната Постојна, Словенија – место каде што љубовта кон 2CV автомобилите се претопи со културната размена и пријателствата што се градат со децении. Нашиот клуб активно учествуваше и ја претстави кандидатурата за организација на собирот во 2029 година. Посетителите имаа можност да ја вкусат нашата богата гастрономска понуда – традиционален ајвар, автентично македонско вино, домашно сирење и секако, добро познатиот грав, кој остави особено силен впечаток кај присутните.
Но, не беше сè само до храната – нашиот тим внесе вистински шарм и ведрина во атмосферата. Коментарите и реакциите од останатите учесници беа полни со пофалби, со што нашата презентација се издвои како една од најзабележителните. Конкуренцијата беше силна – Франција, Чешка, Полска и Летонија исто така ја претставија својата визија за идниот собир. Сепак, на свеченото гласање кое се одржа на 2 август – Илинден, токму нам ни припадна честа да бидеме домаќини на светскиот собир на 2CV и пријателите во 2029 година. Очекуваме повеќе од 3.000 автомобили и над 10.000 гости од целиот свет!

Дел од атмосферата при презентацијата на Македонија на светскиот собир во Постојна, Словенија
Благодарност до поддржувачите
Овој успех не би бил можен без силната поддршка и соработка од институциите и нашите партнери. Искрено се заблагодаруваме на Министерството за надворешни работи и Министерството за развој на туризмот за нивната поддршка и разбирање на значењето на ваквите настани за меѓународната промоција на нашата земја. Додека пак посебна благодарност сакаме да изразиме на Ситроен Клуб Словенија како и на останатите земји од поранешната Југославија односно Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина како и Косово, кои беа рамо до рамо со нас и не поддржуваа од моментот кога се кандидиравме за овој светски собир и во текот на истиот, а веруваме дека така ќе биде и за време на организацијата на собирот.
Посебна благодарност упатуваме и до нашите поддржувачи:
-
- Kodhem DOOEL
-
- Teksiko
Со оваа поддршка и заеднички ангажман, убедени сме дека во 2029 година ќе организираме собир кој ќе остави траен впечаток и ќе ја претстави нашата земја во најдобро светло – како топла, гостопримлива и енергична дестинација за сите љубители на 2CV и пријателите.
Ваш, Клуб Спачек.














