Citroen 2cv односно Спачек,
каков е тоа автомобил и зошто претставува култно возило?
Citroen 2cv е економичен автомобил произведуван од францускиот производител на автомобили Ситроен, од 1948-1990 година. Претставен е на саемот за автомобили во Париз во 1948 година, има воздушно ладен мотор кој што е монтиран напред и има погон на предните тркала.

Дизајниран е од страна на Ситроеновиот потпретседател, Пјер Буланже (Pierre Boulanger), првично во доцните триесетти години од минатиот век, бил замислен како спартанско конструиран автомобил кој што ќе биде притоа корисен и достапен за широките француски народни маси, пред се за францускиот фармер. Неговото дизајнирање е застапено со многу барања кои требало успешно да се искомбинираат во едно. Такви на пример се: Citroen 2cv, треба да биде автомобил којшто ќе може да превезе 4 лица и 50 килограми на стока и притоа да може да вози со 50 km/h. Сето тоа треба може да го направи преку калливи и неасфалтирани патишта доколку е потребно. Всушност, додека бил развиван прототипот на автомобилот, било предложено дека Citroen 2cv, треба да биде способен да превезе корпа полна со јајца преку неасфалтираните француски патишта и полиња притоа без ниту едно јајце да се скрши и сето тоа при полна брзина. Ваквите “пеколни” барања биле доста тешки да се исполнат, но сепак, Citroen успеал во тоа.

Кога Citroen 2cv односно „Спачек“ се појавил во продажба во 1949 година владеел голем недостиг на челик како последица на Втората светска војна. Тоа довело до застој во производството, па листата на чекање се продолжила за неколку години. Поради тоа, малиот број половни возила од овој модел што биле достапни на пазарот достигнале повисока цена од новиот автомобил за кој се чекало од 3 до 5 години.
Помеѓу 1948 и 1990 година, Citroen 2cv e произведен во повеќе од 3,8 милиони примероци, со што го прават првиот светски автомобил со преден погон со милионски продажби, веднаш после претходниот модел на Ситроен, Траксион Авант.
Спачекот односно Citroen 2cv, во текот на својот животен век на производство, прерасна во култ, којшто најдобро може да се спореди со религијата. Можеби не е најлуксузен и најбезбеден автомобил кога ќе се спореди со денешните модерни возила(всушност не е ниту луксузен, не ни треба да биде), но со самата негова појава зрачи со шарм кој што ретко кој автомобили тоа го имаат.

Како одминувале години така Спачекот односно Citroen 2cv, станувал се попопуларен помеѓу луѓето. Тоа е пред се благодарение на неговиот изглед и секако кровот кој што се отвора и се добива панорамски поглед низ истиот. Денес, Citroen 2cv, се смета за култно возило, возило кое е произведувано во многу земји, поточно во 7 земји помеѓу кои и Југославија. Спачекот или познат уште како “ugly duckling” односно “грдото пајче”, кој заедно со Заставините модели, ја има моторизирано и целата наша поранешна Југославија бидејќи се произведувал во најпрво во фабриката Томос а потоа Цитроен и Томос се фузирааат, при што настанува нова фабрика позната како Цимос (Cimos) во Копер.
Извори:



