Минатиот викенд односно од Петок па се до Недела за првпат на нашето македонско тло, се одржа првиот собир на Спачеци, црпејќи инспирација од собирите на поранешниот Yu-As Клуб. Нашата цел како Клуб Спачек, беше за прв пат да се организира собир којшто единствено ќе биде во знакот на нашите омилени возила, култниот Спачек и неговите деривати односно Дијана, Ами и Мехари од кои најзастапени покрај Спачекот секако беа Дијаните. Успеавме да ги обединиме сите земји од поранешна Југославија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Косово. Единствено недостигаше претставник од БиХ но се во свое време, секако овој собир е само зачеток на нашето делување како клуб на интернационално ниво.

Со своето присуство овој собир го овековечија дури 45 автомобили, бројка која самата по себе е импозантна, но и не нешто кое нас може да не зачуди со оглед дека Спачекот како Спачек и неговите сопственици не познаваат граници и се спремни да поминат илјадници и илјадници километри само за да стекнат нови познанства и ги обноват и продолжат веќе постоечките кои најчесто траат и со децении. Таков беше и примерот со нашиот пријател Миша, кој со својот Спачек на овој собир дојде дури од Минхен, Германија.

Спачекот на Миша
Како и што однапред беше најавено, три дена престојувавме во автокампот Љубаништа, на самото крајбрежје на Охридското езеро. Со оглед на тоа дека Спачекистите најчесто себе се опишуваат како луѓе кои живеат слободен живот, ослободени од предрасудите и туѓите мислења, па поради тој начин на живот оваа локација и кампување се најде како идеално решение, бидејќи тие се кампери во душа.
Иако поголемиот дел од времето бевме во кампот каде ги проширувавме нашите познанства, сепак главниот настан беше во самиот Охрид, нашиот бисер, бисер балкански. Самите учесници имаа можност да уживаат во убавините на нашиот бисер, но и останатите туристи и граѓани на Охрид, бидејќи нашите автомобили беа изложени на самиот кеј на Охридското езеро на големо воодушевување на сите присутни во тој момент во самиот град. Успеавме да изнудиме насмевка на лицата од најмалите па се до највозрасните. Секако и ние уживавме во глетката која е крајно неспецифична за нашето поднебје. Повозрасните се навратија во времето кога самиот Спачек бил автомобил на нивната младост а најмладите благодарение на учесниците но и нивните родители, баби и дедовци дознаа што претставува истиот и зошто истиот се смета за култ.

Спачеците изложени покрај Охридското крајбрежје
Нашето дружење заврши во Неделата со посетата на Свети Наум. Три дена исполнети со дружба, стекнати безброј нови познанства и воодушевувања како од самиот персонал на кампот па се до учесниците на самиот настан. За истите говори и нашата “Книга на впечатоци”. Истата ќе остане како споменар за овој настан, во којшто ќе уживаме и веќе уживаме штом истата ја отвориме и ги прочитаме задоволните и искрени реакции на сите учесници. Се надеваме дека каменот темелник е поставен со овој настан и дека истиот собир ќе стане традиционален во годините кои ни претстојат.
Голема благодарност до нашите спонзори без кои овој настан немаше да биде возможен: Ситроен Автонова, Канвас, Монбат, Солид, Осоговски млечни производи, Адријус, Атомем, Дади Компани, Тиквеш, Еуро Контрол, Бако, Ефтинија Импекс, Мега Ауто Партс, Кар Маркет, Инфо Биро, Ер Грос, Еуро Петрол, Лукас АС, Клариса, Бепинг, Еко Флуид, Свислион Агроплод, Савана и Микромес.



