Самобор 2023 – мини Светски 2cv собир

2cv roadtrip

Самобор, познат уште како град на Спачекот односно Citroen 2cv, по повод 25 години од постоењето на Хрватскиот 2cv Citroen клуб, организираа мини светски собир во истоимениот град на којшто беа присутни автомобили не само од Балканот туку и од целиот свет. Истиот потсетуваше на оној од 2019 година, каде што присутни беа преку 12.000 луѓе со преку 3.856 автомобили. Овој настан, на наше особено задоволство но и на организаторот како и останатите клубови од Балканот, беше збогатен со 4 наши автомобили односно 3 Спачека и Дијана, траеше цели 4 дена, а започна во Четврток на 7ми Септември а заврши на 10ти Септември односно во Недела.

2cv

Нашата посада и нашиот претседател во фокусот

Собирот беше отворен од страна на претседателот на клубот, Дарко Зорњак и потпретседателот Горан Скрбин, којшто им посакаа срдечно добредојде на сите гости кои беа присутни во салата позната како “dvorani Bunkera”. Дека Самобор живее за 2cv односно Спачекот и неговите деривати, жив пример беше и заменикот претседател на градот Самобор, Петар Буриќ, кој исто така во 2019 година кога се одржа светскиот собир на истоимените автомобили, бил волонтер на истиот и притоа одржа говор на кој се потсети на случувањата и интересните моменти од истиот.

2cv and beers

Нашето изненадување за 25от роденден на Самоборците

Нашата екипа пристигна на 08.09 и беше срдечно пречекана од страна на организаторите и нашите стари 2cv пријатели каде што после топлото добредојде веднаш се упатија на изложбата „25 godina korozije, ljubavi i prijateljstva“. Следуваше влегување во кампот, поставување на цела камп опрема и освежување со ладно пиво. Покрај вечерната дружба во Македонскиот дел од кампот вечерта беше зачинета со концерт на бендот “Iz2ge” од Загреб, а после концертот забавата продолжи до раните утрински часови.

Main 2cv event

Најавата за главниот настан на собирот

Следниот ден после утринското кафе, следуваше забава за најмладите со 2cv street art, а за 2cv “стручњаците” беше организирана “voznja spretnosti”. Во попладневните часови беше организирана свечена 2cv академија, каде беше презентирана 25 годишната работа, патувања, дружби и подвизите, од кои како најголем успех на Хрватскиот 2cv Ситроен клуб може да се издвои 23от светскиот собир организиран токму во Самобор во 2019 година, каде што учество имаа и наши претставници од клубот со три автомобили. За целата нивна досегашна работа како клуб, потпретседателот Горан Скрбин, напиша монографија “Samobor glavni grad hrvatskih Spacekista” и истата беше премиерно презентирана пред присутниот аудиториум. Истата може по цена од 25 евра да се купи во 2cv PUB Fontana Samobor. Дружбата вечерта продолжи со концертите на бендовите “Bluzy Threesome” од Сисак, како и “Miha i Karizma band” од Самобор.

Camping in 2cv

Спачекот на Фиќо спремен за кампување

Последниот ден од оваа прекрасна дружба се заокружи со дефиле низ центарот на Самобор до Руде и посета на рудникот “Света Барбара”.
Полни со впечатоци, остварени нови пријателства со луѓе со кои делиме ист ДНК, нашата екипа полека ја заврши оваа 2cv експедиција со проверка на нивото на течности односно само на маслото во моторот и се упати кон дома, кон нашата Македонија која со голем успех, по кажувањата на останатите учесници односно наши пријатели од соседните земји, беше претставена од страна на нашите клупски колеги и другари Унко, Мацко, Нове, Трајче, Кире и Фиќо.  
На крај нашиот клуб сака јавно да ја поздрави иницијативата и солидарноста на нашите пријателски клубови од Македонија: “Пријатели на Мини Класик” – Скопје, “Пежо 404 клуб Македонија” – Скопје, “Буба Клуб Македонија” – Скопје, “Џентлменс Македонија” – Скопје, “Олдтајмер Ретро Клуб Струмица” – Струмица, како и компаниите “Технокомерц” – Скопје, “Johnson Philips” – Скопје, “Еликсир” – Скопје,  “Европорц” – Скопје, “Кар Маркет” – Кочани и “Дади Компани” – Виница, за финансиското олеснување со кое помогнаа да се оствари овој за нас голем подвиг.