Дијана од Тетово

Citroen Diana

Јас сум роден во 1994 година и ова е приказната за мојата Дијана, која јас ја познавам целиот мој живот. Но, приказната не би била целосна доколку не го кажам и следното. Мојот татко, по професија доктор, се оженил во 1987 година и сакал да купи автомобил. Прво размислувал за Југо 45 поради тоа што за него имал пари. Меѓутоа, неговиот другар, сега познат неврохирург, во тоа време возел жолта Дијана и го убедувал татко ми да одат до кај еден доктор во пензија, страствен љубител на автомобили и мотори, кој го распродавал својот возен парк.

Citroen Dyane - Дијана in nature
По кажувањето на мојот татко, кога пристигнале, во гаражата затекнале три мотори, некое “чудовиште” од мотор Хонда, Јамаха како и по еден Мерцедес, Застава 101 како и сега нашата Дијана. На татко ми Дијаната веднаш му се допаднала и ја купил за 2300 амерички долари. Дијаната имала поминато 25.000км, но било видно дека во последните 5 години не била воопшто возена. Истата година татко ми со неговиот другар го имаат пропатувано целиот бугарски брег, а биле и до Истанбул. Нормално, така да се изразам, он се заљубил во автомобилот кој во тоа време за разлика од сега, бил секојдневен автомобил за сите потреби. Со Дијаната одел и 4 години на специјализација.
Citroen Dyane - Дијана
Татко ми кажува, Дијана како Дијана додека не ја запознаеш, штом види облаче на небото застанува благодарение на системот за палење. Нормално, сето ова траело како и што веќе споменав, додека не ја запознал подобро бидејќи автомобилот си има свои барања, но од другата страна, ретко се расипува а возењето во истиот е преубаво.
Од мали нозе имав само една кола на памет, Дијана, притоа не било која туку мојата. Во неа се возев од мали нозе и уште тогаш многу ми се допаѓаше,  а најмногу ми се допаѓаше и сега е така, звукот на моторот. Автомобилот беше регистриран до 1999 година, а до тогаш ми служеше како “играчка” и беше паркиран во нашата гаража дома. Татко ми во повеќе наврати имаше намера да ја продаде Дијаната, доаѓаа купувачи, но јас се противев со солзи и на крај се откажа од таа идеја. Минуваа години и еден татко ми ми рече дека ќе ја реставрира Дијаната, штом јас толку сакам кога ќе наполнам 18 години. Што наполнив 18 години почнаа припремите за реставрирање, но најпрво сакавме да го ставиме автомобилот во погон. Во меѓувреме се зачленив на Citroën 2CV Macedonia форумот и се интересирав за Ситроеновата А-серија. Таму видов како треба преку сликите од реставрации на Јанез Кежмах – Кежа од Словенија, како треба да изгледа една Дијана на крај на реставрацијата.Поради тоа што автомобилот не работеше пет, шест години, прво сакавме да го запалиме, но тоа не одеше глатко. Месец дена се обидувавме, менувавле платини, свеќици, бензинска пумпа, за на крај да установиме дека проблем правело запушено цревце кое носи бензин од пумпа до карбуратор. Најдовме добар и млад мајстор и како што се одвиваше реставрацијата, така наручувавме што повеќе делови, а нашите барања растеа. Кога и да имавме некој проблем, форумашите, особено Васе и Влатко, беа тука да помогнат. Васе, голем љубител на А-серија, во повеќе наврати доаѓаше до Тетово да види како се одвива реставрацијата и доста ни помогна околу истата. Лимаријата ја наручавме од Словенија од Јанез Кежмах односно Кежа, а други делови од Австрија, додека гумите и останати ситници ги набавивме од Германија. После тоа Дијаната седеше околу 6 месеци во гаража бидејќи татко ми и еден негов другар ја досредуваа технички – разноразни подмачкувања, промена на карбуратор, промена на кочници, тапацирање на седиштата, ентериерот и останати ситници. Нормално, другарите ме зафркаваа добронамерно во стил “абе каква Дијана, гледај каква е, фрли ја во отпад барем ќе земеш 200 евра”, но ја не обрнував многу внимание на нивните задиркувања.
Citroen Dyane - Дијана in mountains
Дијаната беше регистрирана на 11 Јули 2013 година и од тогаш почна вистинското уживање во возењето, познато како Дијана. Во почетокот немав храброст да ја возам преку ден, па затоа ја возев навечер додека ја научам, додека немаше гужви. После тоа почнав да ја возам секаде скоро секој ден, но само кога времето е топло и суво. Првата подолга вожња, Дијаната ја имаше до Скопје, до еден сервис, чисто да се провери и тестот го положи со оценка одлична, со брзина од околу 115/120 км/ч. Се знае, секогаш кога е убаво времето, ја палам Дијаната и ја возам и со неа скоро секој ден одам на факултет. Ја возам до Скопје, Гостивар, ги има пројдено сите локални села и претставува вистинско уживање, барем за мене. Сепак, таа не е автомобил за почетници бидејќи има и некои свои маани. Но, што е најважно, секогаш мами насмевки на лицата на минувачите. Дури и сестрата на една моја другарка ме замоли ако може да им ја отстапам за свадбена фотосесија, што секако, со задоволство прифатив и бев пресреќен поради тоа. Возењето со Дијаната за мене е вистинско уживање, а на моите врсници претежно тоа им е чудно бидејќи поголемиот дел сонуваат за вожња во BMW и останати бесни автомобили, на кои искрено, ниту јас не сум имун.
Citroen Dyane - Дијана and Beagle
Во мојот град, до скоро, единствено јас имав Дијана, освен еден постар човек кој од Дијаната, по мое мислење имаше направен неуспешен кабриолет. Во последните месец дена, видов уште една нереставирана Дијана која ја возеше еден љубител на олдтајмери. Најмногу ги сакам моментите кога малите деца ќе го здогледаат автомобилот и се насмевнуваат и ми мафкаат со рацете бидејќи на нив им е најинтересен. Но сепак знае и да се случи да луѓето бидат изненадени кога ќе видат дека од стар автомобил излегувам јас. Често ме застануваат за да ме прашаат дали ја продавам Дијаната, но јас само се насмевнувам бидејќи тоа го сфаќам како начин да кажат дека им се допаѓа автомобилот. Татко ми има кажано дека Момо Капор напишал дека работите не вредат толку колку што коштаат, туку колку емоции се вложени во нив. И знам дека со ова потполно ќе се сложат вљубениците во овие култни автомобили, бидејќи овој автомобил треба да се вози за да се сака како што заслужува.