Кире и неговата втора Дијана

Дијана и семејството на Кире

Се започна некаде во далечната 1978 година. Некој ќе рече како почна 1978 година кога ти си роден 1982? Епа така, ова е првиот автомобил на мојот веќе покоен татко кој го има купено нов во 1978 година. До 1997 година имаше поминато 450.000 километри и често знаеше да каже дека никогаш го немало оставено на пат. Јас сум роден во 1982 година и првото мое возење со автомобил беше токму со таа Дијана, од болница до дома.

Дијана во природа

Дијаната со која започна се

Возилата ме одушевуваа уште од мали нозе, така некаде на мои 5-6 години веќе ги познавав сите автомобили. Умеев да ги препознам по дизајнот и секако по нивната значка. Но сепак, различниот дизајн на Ситроеновите возила ме воодушевуваше, особено звукот на нашата Дијана. Тој звук не може со зборови да се опише, мора да се доживее. За мене беше една посебна музика која и ден денес е посебна за мене)
Декорација во КарМаркет

Новогодишна декорација во КарМаркет, и тоа каква!

Како дете, на долги патувања, знаев да лежам на задното седиште и безгрижно да гледам во небото. Преку отворениот панорамски покрив ги гледав облаците, а во исто време благодарение на меката прекрасна амортизација која секоја Дијана ја има, се чувствував како да лебдам. Сето ова во комбинација со звукот на моторот, правеше едно безгрижно дете како да се наоѓа во авион.
Дијана и Кире

Мамење на насмевки и отпоздравување на случајните минувачи

Дојде време да учам да возам и на мое големо задоволство тоа се случи токму во овој автомобил. Иако истиот во 1986 година требаше да биде заменет со Голф 2, а потоа и со Лада Рива, во таков сплет на околности како победник излезе токму оваа Дијана.  Возачкиот испит го положив во 2001 година, па така од мојата 19та до 26та година во овој автомобил. Истиот тој стана како член на нашето семејство. За тој период, јас поминав безгрижни 100.000 километри.
Дијана и семејството на Кире

Кире со сопругата и ќеркичката

Но во 2009 година, сосема непотребно, на моја голема жал, Дијаната беше продадена. И покрај тоа, сите години и откако беше продадена, во мене длабоко тлееше звукот на моторот, амортизацијата која ти дава чувство како да лебдиш по облаци и чувството кога се возиш во неа. Сето тоа не ми даваше мир. Поради тие причини, а бидејќи и самиот се бавам со автомобилизам, во 2018 година се пуштив во потрага, погодувате, баш по Дијана. Така и се случи. Купив една од 1979 година која ја реставрирав до последно штрафче и со која успеав за 5-6 викенди да направам дури 5.000 километри. Кога ќе стигнеме на посакувана дестинација, сепак не сакам да застанам, туку едноставно сакам само да продолжам да возам. Топлина околу срцето ме обвива кога ќе видам дека мојата ќерка и сопруга, уживаат кога патуваме заедно со Дијаната.
Оваа приказна започна на моја 4 годишна возраст и трае и ден денес.