Најавтентичниот Спачек во Македонија

Ристе и неговиот Спачек

Секаде во светот олдтајмерите на 4 тркала се реткост со голема колекционерска, но и пазарна вредност. Уште поретки, особено кај нас се мајсторите кои таквите ги реставрираат, особено кога во прашање е Спачек. Таков пример е Спачекот на Ристе, дело на мајсторите Зоран Георгиевски и Тодор Трпевски.

Спачекот на Ристе во 2003 година

Ристе во средина со мајсторите Зоран и Тодор во 2003 година.

Ристо Велигденов од Скопје, е еден од вљубениците во старите автомобили. Да бидеме попрецизни во оние кои како заштитен знак го имаат “шевронот”. Ристе е сопственик на “Citroen 2cv” или популарно познат како Спачек. Неговиот миленик е обоен во сино, којшто сега блеска со сета негова убавина а истиот е составен речиси од ништо. Но зошто е толку посебен ќе дознаете во продолжение, сега одиме хронолошки.
Најпрво мајсторот Зоран Георгиевски ни изјави дека на неколку пати помислил да се откаже, бидејќи се чинело сето ова како невозможна мисија. Зошто вели така? Бидејќи имаат започнато само од шасија и тркала. Вистински шок доживеал кога Ристе со запрежна кола му донел распаднат Спачек и кога помислил дека тоа треба да го реставрира. Сепак, Ристе го смирил кога му кажал дека тој е само за делови. Со старите автомобили секогаш е така, секогаш треба и еден “донор” кога се прави темелна реставрација. Најголем проблем е тенкиот лим од само 0.5мм кој е најтежок за работа и моделирање. Сите автомобили користат лим од дебелина од 0.8-1мм, но секако, не и Ситроен и затоа е во секој поглед посебен.
Спачек во позадина

Спачекот на Ристе во позадина на овогодинешниот 2cv picnic

За предизвиците при оваа реставрацијата на овој автомобил, изјава ни даде и вториот мајстор, Тодор Трпевски – Чеблан. Тој всушност бил задолжен за механичките склопови од истиот. По неговото кажување, овој Спачек е склопен со сите негови оригинални делови. Неговиот мотор е од 602 кубни центиметри со 28 коњски сили но позајмен од Спачек од 1974 година.
Ристе пак, сопственикот на овој единствен, уникатен легендарен автомобил коментира. “На почетокот имав само една шасија, неколку резервни делови и голема желба да возам вистински Спачек. На шасија од модел од 1966 година, поставена е каросерија од модел од 1974 година. До крајниот резултат е дојдено со 90% оригинални делови, кои биле обновени иако биле доста запуштени. За ‘рѓата нема потреба ниту да се коментира.” Деловите се собирани што од отпад, што од размена на делови со вљубеници во истите како и набавка на нови делови од Европа. Деловите во најголем дел се набавени од Франција, Грција и Италија. Дел од деловите се земени од учество со истиот на светскиот собир на овие автомобили. Да, една од нашите цели во иднина, организација на “World Meeting of 2cv Friends” во нашата земја.
Спачек и Фургон

Спачеците на Ристе и првиот претседател на клубот Љупчо на пат за светскиот собир во 2020 во Самобор, Хрватска.

Овој Спачек е редовен учесник на светските собири на вљубеници во истите од 2003 година кога е реставриран па наваму. И секогаш е спремен за долги патешествија. Но зошто споменав дека е посебен и единствен на самиот почеток? Па по неговите проширени крила кои се направени како такви за да се впасуваат големите нестандардни алуминумски фелни. Целиот Спачек изгледа како набилдан, иако всушност под хаубата се крие оригиналниот воздушно ладен боксер мотор со 2 цилиндри. Кога и каде да се појави плени со неговата појава дури и по годинава точно 20 години од неговата реставрација. И тоа не е се, Ристе нема тука да запре кога се во прашање Спачеците. Stay tuned.

Несекојдневна глетка на овој единствен “Спачек на стероиди” од неговата задна страна.