Спачек за цел живот

Спачек - Spacek 2cv

Оваа приказна е приказната за тоа како нашиот претседател Унко (Љупчо) за прв пат се сретна со еден Спачек и му остана на него верен целиот свој живот.

Како што и самиот вели, не знам како да ја започнам оваа приказна за нашата дружба со за него, најдобриот автомобил во светот, Citroen 2cv односно култниот Спачек. Но од некаде мора да се почне.
Спачек - Spacek 2cv - Corfu Island

Унко и неговиот Спачек на грчкиот остров Крф, 1982 година.

Беше тоа далечната 1982 година кога ми се јави братучед ми Слободан (снаата Линка) и ми кажа дека сака да го продаде својот Спачек кој го поседува од 1973 година и воедно е прв сопственик. На тој чекор се одлучил поради тоа што добил Фулбрајтова стипендија за режија и подолг период ќе престојува во Америка. Доби одговор дека доаѓам веднаш за да го пробам на едно кратко тест возење. Тоа беше љубов на прв поглед. Однадвор го гледам, ми личи на симпатично Пајче. Ја вртам смешната (читај симпатична) мала алуминиумска квака, се отвара вратата лесна како пердув, влегувам и седнувам на мекото седиште. Чувството е како да си во некоја луксузна кола. Го чувствуваш специфичниот единствен мирис на внатрешноста карактеристичен за единствениот Спачек. Го зграбуваш со двете раце големиот волан обложен со некаква мека сунѓереста маса. Чувството е како да си во мал камион.
Спачек - Spacek 2cv in greek camp in Paliouri

Летување со истиот Спачек во Паљури, Грција, 1982 година.

Го ставам чудниот клуч во бравата, го вртам надесно, слушам кратко верглање на анласерот. А потоа, потоа се јави Боксер моторот со своето специфично броење и звук карактеристичен само за Спачек. Го отворив прозорот нагоре т.е. горната половинка и тој се закачи на својата закачалка. Го отворив кровот, се покажа делче од плавото небо. Добив неописиво чувство на слобода и среќа. Ја дофатив смешната кугла од рачката на менувачот и уфрлив во прва брзина. Полека го отпуштам кумплунгот и Спачекот почна да се движи, во втора брзина почна да дувка и ветерче. Чувството е како да се наоѓате на моторцикл, на тоа дополнително ме асоцираа и звукот на моторот како и ветрот. Тука секако присатно беше и мекото лулање на секоја нерамнина, кога федерите ги примаа ударите од тркалата. Сега наидувам на јака кривина и за чудо колата се наведнува повеќе од претходните коли кои ги имам возено. Со воланот исправам, давам појак гас и колата се исправа како да ни немало кривина. Лесно и елегантно ги поминува и кривините и нерамнините на патот. На крај ја притискам и педалата за кочење, колата послушно и меко застанува.
Се на се, доживеаната среќа и тоа посебно чувство кога возиш Спачек, беа нешто што до тогаш го немав доживеано.
Спачек - Spacek 2cv on the road

Унко и неговиот Спачек на пат за релито во Врање, 2023 година.

Позитивно и прекрасно чувство. Излегуваш од колата насмеан и среќен. Забораваш на се што си мислел претходно. Терапија.
Сега е 2023 година, јас сеуште возам Спачек и истиот ритуал секојдневен како и од пред 41 година.

Спачекот на Унко и клуб Спачек беше препознаен и од страна на екипата на Зевзекманија.